Министерството за внатрешни работи (МВР) склучи договор за набавка на нови регистарски таблици, но и на налепници за регистрациите на кои ознаката МК ќе се замени со НМК.
Според официјалните податоци кои се достапни и објавени на сајтот на Бирото за јавни набавки достапни на следниот линк https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie-acpp/6db99bb2-f46a-4cb2-82d8-51a31ae8f924 во спецификацијата за тендерот има и четири типа налепници за регистарските таблички кои се разликуваат според димензиите.
Според димензиите, МВР по различна цена ќе ги набавува налепниците. Па така за налепница со димензија 99×42 МВР ќе плаќа 35 денари, за налепниците со димензии 85х40 милиметри цената ќе биде 41 денар, налепниците со димензии 63х37 милиметри ќе чинат 35 денари и налепниците со најмала димензија знесува 29,5 денари за две налепници.
Засега од МВР нема информација која ќе биде продажната цена на налепниците.
Освен налепниците со новото уставно име, МВР набави и регистерски таблички. Според понудата која е дадена од носителот на јавната набавка „Квантум дооел Скопје“ пар регистарски таблици за возило (образец бр.1) чинат 637 денари со вклучен ДДВ.
Граѓаните најдоцна до 12 февруари 2024 треба да ги променат регистарските таблички и на нив да има ознака „НМК“ наместо досегашната „МК“, што е обврска која произлегува од Преспанскиот договор.