Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески е добитник на награда за голем придонес во одржување и развој на македонското стопанство.

Ова високо признание му беше доделено од страна на редакцијата „Битолски весник“ на традиционалната 24-та по ред манифестација „Избираме најуспешни битолчани“, што се одржа во петокот во Битола, во присуство на околу 600 гости од цената држава.

На доделувањето на наградите претседателот на Комората Азески изрази задоволство и почит за ова признание, кое, како што истакна, е резултат на посветена работа и придонес кон целата заедница.

„Оваа награда не е само признание за мојата лична ангажираност, туку е и поддршка кон целата бизнис заедница што нашата Комора ја претставува. Затоа сакам да ја споделам со сите членови на Стопанската комора, нашите партнери и сите претприемачи и бизнис лидери од Битола. Нивната посветеност и иновативност се двигател на успешната работа на целиот битолски регион. Оваа награда нека биде инспирација за сите нас да го поддржиме истражувањето на нови можности, креативноста и растот на локалната бизнис заедница“, истакна Азески на доделувањето на наградата.

На годинашната манифестација беа доделени 35 признанија на најуспешните граѓани и институции кои со своите постигнувања и успех дале придонес за своја лична афирмација и за афирмација на градот. Беа прогласени најуспешните во областа на политиката, здравството, стопанството, новинарството, бизнисот, банкарството, образованието, естрадата, невладините организации, спортот, науката.