Гордо можам да кажам дека останавме целосно до ставот дека под ваков диктат и ваков ултиматум за промена на Уставот со цел Бугарите да влезат во Уставот, ние нема да прифатиме. Тоа се случи и секој еден граѓанин тоа треба да го види бидејќи се соочивме со голем и жесток притисок од секаде.
Ова го истакна пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, кој беше гостин во телевизија Алфа.
-Најчесто се ветува оној „прозорец на можности“, се вели „сега е моментот да се направи овој чекор“, но позадината е многу проблематична и суштината е болна за Македонецот. Зошто? Бидејќи со прифаќањето на оној француски прелог, па следуваше со многу протести низ Скопје и низ други градови, со тоа што се прифати за преговарачка рамка, па влезе и комисијата за историски прашања, тие работи власта сакаше да ги прикаже како една нормална работа, дека тоа се случува во Европа и дека мора уште еден чекор да направиме, но тоа беше една голема лага. Видовме пред неколку дена дека Украина и Молдавија можат да влезат, а Македонија уште е во чекалната, со тоа „сега е моментот да го смениме Уставот“, а со тоа ние како Македонци можеме да изгубиме многу, рече Мисајловски.
Тој потсети дека бугарската страна сака да ни наметне дека ние не сме постоеле низ вековите, дека сме нова нација создадена од Тито.
-Сакаат да ни наметнат дека македонскиот јазик е некој измислоен дијалект од бугарскиот јазик и сето тоа што се случувало во историјата, полека низ годините Бугарија да го асимилира кон себе. И сето тоа ние го говоревме и тоа е голема пречка, рече Мисајловски.