Голема трагедија се случила на скопската клиника за Гинекологија, неофицијално дознава КУРИР. Тие велат дека од од клиниката им ги потвдриле информациите.
Според нивни извори, пред четири месеци на ГАК е примена пациентка со проблеми во бременоста, а по 6 дена хоспитализација бебето починува во нејзината утроба. Потоа, по пет операции, починува и мајката на бебето.
-Во август на ЈЗУ У Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје примена е таква пациентка којашто имаше придружни здравствени проблеми заради кои бебето починало. Како последица на придружните болести индицирано е завршување на бременоста со царски рез. За жал, постоперативно почнуваат серија последувателни компликации кои условуваат повеќекратни хируршки ревизии, велат од ГАК за КУРИР.
Во лекувањето на пациентката биле вклучени повеќето од најискусните лекари на ЈЗУ У ГАК, од гинеколошки и од анестезиолошки профил, како и дежурните тимови.
-Тешките одлуки во врска со здравјето на пациентката се донесуваа конзилијарно од најискусните лекари, почитувајќи ги најсовремените медицински протоколи. За жал, и покрај речиси двомесечен интензивен ангажман и третман, пациентката подлегна на придружните комликации, откриваат од скопска Гинекологија за КУРИР.
Иако е поминато подолго време, уште се чека потврда од обдукцискиот и од хистопатолошкиот наод, кои прецизно ќе дадат информации за состојбата на пациентката.
-Во државата е формирано стручно тело кое ги испитува сите случаи со неповолен исход за бебето во утробата и за породени новородени со фатален исход, потенцираат од ГАК.
КУРИР испрати прашања и до Министерството за здравство, дали е запознаено со овој случај, но немаме добиено одговор.
Од добро упатени извори, КУРИР поседува информации и за други трагедии и скандали кои се случиле на ГАК, но по детално истражување, за нив ќе објавиме во периодот кој следува.