Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска изјави дека 2024 година треба да биде време на значителен раст на домашното одбранбено производство, а посебно внимание ќе се посвети на производството на сите видови беспилотни летала, особено ФПВ и муниција за нив.
„Во моментов стотици компании се ангажирани во клучните производства и јас сум благодарен на секоја компанија која го обезбедува посакуваниот резултат за нашите војници. Следната 2024 година треба да биде време на значителен раст на домашното одбранбено производство. Ќе обезбедиме договори и буџет“, нагласил Зеленски на средбата на која се разговарало за планирањето за наредната година и обезбедувањето воени сили.
Според Зеленски, Украина мора да стане способна да ги обезбеди сите неопходни потреби за беспилотни летала.
Тој им се заблагодари на украинските воздухопловни сили за, како што рече, импресивното уништување на уште еден брод на руската Црноморска флота.
„Нема да има мирно место за окупаторите во Украина“, порача Зеленски.
Украинските медиуми претходно објавија дека рано утринава тактичкиот авион на воздухопловните сили го нападнал со крстосувачки ракети големиот десантен брод на руската црноморска флота „Новочеркаск“ во близина на Феодосија. Јужните одбранбени сили на Украина на Телеграм споделија фотографија од остатоците на рускиотдесантен брод.