Измените на Законот за игри на среќа и за забавни игри денеска поминаа во прво читање на 106. пленарна седница на Собранието. Донесени се со т.н. европско знаменце, процедура за која во случајот не беше прифатлива не само за опозициската ВМРО-ДПМНЕ туку и за претседателот на државата Стево Пендаровски. За потсетување, против беше и поранешниот австриски амбасадор во земјава, Георг Вуцас, кој имаше крајно нетипичен јавен настап набрзо откако Владата во февруари годинава го испрати предлогот до Собранието.
Предложените измени на Законот во прво читање беа изгласани со 48 гласа „за“ и осум „против“. Гласањето помина без пратеничка расправа.
Како што може да се види од списокот на гласање на официјалната веб-страница на Собранието, поддршка за измените на законот дале пратениците на СДСМ и пратениците од нивната коалиција во Собранието, како и пратениците на Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Осумте гласа „против“ предложените измени на Законот во прво читање се на пратениците на Алијанса за Албанците (која е дел од владејачкото мнозинство) и независниот пратеник Хусни Џемаили, кои биле присутни на седницата за гласањето.
Предложените измени на Законот за игрите на среќа и за забавните игри предвидуваат просториите во кои се приредуваат игрите на среќа (обложувачници) да бидат оддалечени од училиштата не помалку од 500 метри. Меѓу целите на предложените измени, од Владата претходно ја посочија и потребата од зајакнување на доказите потребни за издавање лиценци, како и прецизирање на тоа дека едно трговско друштво со една лиценца приредува еден вид игра на среќа. Исто така, се предвидува и зголемување на надоместоците за издавање лиценци за игри на среќа.