Пресвртница во Судскиот Совет каде камбек прави Весна Дамева, а оставка си даде досегашниот претседател Сашко Георгиев. Без тивок бојкот и опструкции од колегите – членови ќе продолжи работата на Судскиот Совет – со ваква надеж Весна Дамева се врати на претседателската функција во советот. Откако оставка си поднесе досегашниот претседател Георгиев, за да може Судски да ја спроведе одлуката на Управниот суд кој оцени дека незаконски и без соодветно образложение била симната од претседателската фунција.
„Јас не очекувам, ниту од еден член на Судскиот совет, и не би сакала да верувам, дали на тивок начин или гласно ќе ја опструираат работата. Бидејќи ова не е парламент, да има тивок бојкот. Ова е Судски совет, има предвидено начини и механизми, начини и активности кои што треба да ги спроведува, и очекува СС понатаму да продолжи да работи. Секоја опструкција и не постапување, не доаѓање на седници има законска пропишана процедура за санкционирање“ рече Дамева.
Георгиев потсети на критиките кои беа испратени на адреса на Судскиот совет, и не жали што раководел со највиското судско тело изминатите 10 месеци.
Првата наредна седница ќе ја закаже и води Дамева. Судскиот совет сега ќе ја проверува и законитоста на сите одлуки кои беа донесени од мај до денес, по незаконското разрешување.
Сега веќе експретседателот на Судскиот совет, во образложението на оставката, кажа дека дал се од себе во водењето на Советот, во амбиент во кој ова тело било изложено на бројни критики. За пресудата на Управниот суд рече дека неговиот избор за претседател по разрешувањето на Дамева не било дел од судската постапка. На крајот на своето обраќање, Георгиев потенцираше дека немал притисоци и влијанија во неговото работење, ниту, пак, дозволил такво нешто, додавајќи дека најодговорно го кажува тоа.
„Имајќи ја предвид ваквата донесена одлука на Управниот суд јас можам само да констатирам дека останува во сила одлуката на Судскиот совет за избор на Весна Дамева за претседател од 5 декември 2022 година, што значи дека од сега натаму претседател на Судскиот совет е Весна Дамева“, рече членот на Советот, Ханиф Зендели и ја заклучи работата на денешната итна седница на Советот.
Ваквата разврска доаѓа по пресудата на Управниот суд, кој по тужбата на Дамева, ја поништи одлуката на Судскиот совет за нејзиното разрешување од мај минатата година, оценувајќи ја постапката во која таа беше сменета како незаконска и без образложение.
По денешната тричасовна расправа на членовите на Судскиот совет за пресудата на Управен, која на адреса на Светот пристигна вчера, ова тело закажа итна седница, на која беше констатирана оставката на Георгиев и потврдено дека од денеска Судскиот совет како претседател повторно ќе го води Дамева.
Членовите, а и вратената претседателка свесни се дека критики има, но не се согласуваат дека легитимитетот на Советот е доведен во прашање. Холандскиот амбасадор откажа проект со Судскиот Совет бидејќи телото го нарече не легитимно, а американската амбасадорка е загрижена и разочарана од работата на највисокото судско тело. Кренар Лога, министерот за правда бара начин за реизбор на членовите со законски измени, тоа што алармираат невладините со месеци. Последно, кон критиките за Судски се приклучи и претседателот на Владата, Ковачевски.