Бројот на загинати во новогодишниот земјотрес во Јапонија надмина 100 , повеќе од 200 лица сѐ уште се водат како исчезнати, по најсмртоносниот земјотрес во земјата во последните осум години.
Земјотресот со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала што го погоди западниот брег на Јапонија, ја уништи инфраструктурата оставајќи 23.000 домови без електрична енергија во регионот Хокурику.
Потрагата по преживеани под срушените згради продолжува шести ден, а помош чекаат повеќе од 30.000 евакуирани лица.
До денеска беа потврдени уште 16 смртни случаи во Ваџима и Анамизу, со што вкупниот број на загинати се искачи на 110, објави новинската агенција Кјодо, цитирајќи ја владата на префектурата Ишикава и други извори.
Ова е најголем број на загинати од земјотресите во Кумамото во југозападна Јапонија во 2016 година, кога загинаа 276 лица, вклучувајќи и смртни случаи поврзани со земјотресот.
Прекините на патиштата и другите проблеми го отежнуваат доставувањето на помошта.
Камерманот Масао Мочизуки застана во долгата редица жители на Ваџима пред супермаркетот што повторно беше отворен во четвртокот за да купи неопходни работи.
„Помага тоа што успеаја повторно да ја отворат продавницата“, изјави Мочизуки за Ројтерс откако купи кутија со грејни влошки, сина пластична фолија за покривање на скршените прозорци и пар чевли за да ги заштити нозете од скршеното стакло расфрлано на подот од неговиот дом.
„Но, сè уште не гледам пат кон реконструкција“, рече Мочизуки со скршен глас.