Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за Гласот на Америка, за време на работниот престој во Вашингтон, Соединетите Американски Држави, каде имаше средби со високи претставници на американската администрација, беше запрашан за причината на посетата на САД.
„Секако дека ова е една од позначајните посети кои што ги имаме, и знаете дека САД се нашиот стратешки партнер, и кога зборуваме во делот на безбедноста, тие се навистина партнери низ кои што се развива, унапредува безбедноста и во Северна Македонија, со многу поддршка, не само во опрема, туку и во човечки капацитети, обуки, контакти, итн. Целата оваа посета беше во духот на напредокот на нашите односи, како да се подобри таа соработка. Морам да кажам дека и со претставниците на Одделот за внатрешни работи на САД, со заменик Јавниот обвинител, директорот на ИЦИТАП, исклучителни средби на кои разговаравме за нашата идна соработка, за што и како треба да бидеме насочени во иднина. Секако дека приоритетите во делот на безбедноста се сосема идентични. Ми претставува голема чест што се видов со заменик државниот секретар Џејмс О’Брајан, имавме низа теми за кои разговаравме за иднината на Северна Македонија”, истакна министерот Спасовски.
Тој сподели дека на средбите се разговарало на низа теми, меѓу другото и врвниот приоритет на МВР и Владата – борбата против корупцијата.
„Разговорите и со г-динот О’Брајан и со сите други претставници на државната администрација беа токму насочени кон борбата против криминалот и корупцијата. Тоа нешто што е здраво да се направи заради македонското општество, македонските граѓани, тоа беше една од заложбите. Го информирав г-динот О’Брајан за активностите што ги презема Владата во овој дел, за подготовката на законските решенија кои ќе ги третираат практично лицата кои се наоѓаат на црната листа на САД, за неможноста за учество во јавни функции и учество во јавни тендери за јавни набавки”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека заеднички став е дека европската перспектива нема алтернатива за државата.
„Разговаравме и за тоа дека европската перспектива нема алтернатива за Република Северна Македонија. Се’ што треба да правиме треба да направиме цврсто, одлучно и храбро да чекориме кон ЕУ. Го информирав г-динот О’Брајан, и другите претставници со кои се видов, и за напредокот во борбата против корупцијата, кои мерки ги преземаме, ефикасноста во овој дел. И, секако изразената заложба од нивна страна да стојат рамо до рамо со нас и да ни помогнат во јакнењето на капацитетите на институциите за да се справиме со предизвиците”, рече министерот Спасовски.