Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги повика САД да продолжат да испраќаат помош за Украина во војната против Русија, оценувајќи дека Пекинг и, како што наведе, „другите авторитарни сили ќе бидат охрабрени“ доколку рускиот претседател Владимир Путин „го добие тоа што го сака“.
„Она што е важно е Украина да добива постојана поддршка бидејќи мораме да разбереме дека таа внимателно се следи во Пекинг“, изјави Столтенберг за Фокс њуз.
Тој оценува дека САД, Европа и другите делови од светот ќе станат „поранливи“ доколку Путин „го добие тоа што го сака во Украина“.
„Важно е Путин да не успее во Украина“, рече Столтенберг.
Тој оваа недела ќе се сретне со високи претставници од Министерството за одбрана на САД и пратеници за да разговараат за продолжување на помошта за Украина, која беше блокирана во Конгресот поради спорови околу американската гранична политика и други политички прашања, објави Фокс њуз.