Сопартиецот на министерот за здравство, Фатмир Меџити, доктор Фадил Цана ја победи доктор Милена Стевановиќ на конкурсот за директор за Инфективната клиника. И покрај тоа што таа ја водеше Клиниката седум години, вклучително и во најтешките периоди на ковид пандемијата, според Министерството за здравство „ѝ пресудил истечен сертификат за англиски јазик“. Според информации на „Слободен печат“, сертификатот за англиски јазик на доктор Стевановиќ не би можел да биде со поминат рок затоа што станува збор за сертификат издаден од Кембриџ кој трае доживотно и не му поминува важноста. Доктор Стевановиќ дополнително магистерските студии ги има подготвувано во „Ројал Стејт Хоспитал Лондон“ каде се зборува само англиски јазик. Таа во својата медицинска кариера била и стипендист во Англија. Магистерската, пак, Стевановиќ ја има подготвувано во „Челзи Вестминистер Хоспитал Лондон“, а една година била и на специјализација во Англија.
Смената на директорката со кадар од партијата на министерот Меџити, непосредно по формирањето на техничката влада, отвора сомнежи дека станува збор за политички мотивирана смена.
– Јас и порано кажав дека нема да има вечни директори. Конкретно за директорката на Инфективната клиника, не е разрешена, не ѝ беше истечен мандатот, мислам дека ѝ е до април. Имаше истечен сертификат. На конкурсот имаше двајца кандидати и заедно со службите во Министерството ние го одбравме тој што беше со комплетна документација, изјави Меџити.
Стевановиќ поседува сертификат за англиски јазик ниво Б1, издаден од Кембриџ како најпризнаена квалификација за знаење на англиски јазик во светот, сертификат кој нема временски ограничувања, туку само датум на полагање и со кој досега конкурирала, не само на повиците за директор туку и за други потреби и немало никаков проблем.
Целиот текст ОВДЕ