Не стивнува реакцијата на експертската јавност во врска со иницијативата за четирите стратегиски инвестиции во енергетиката, а пред сѐ за најспорната, когенеративната гасна централа „Митилинеос“, која треба да се гради во кругот на некогашната скопска Железарница. Аргументите на Владата се дека со изградбата на оваа централа, освен што ќе се добијат дополнителни количества струја за енергетскиот систем, таа значително ќе придонесе и за задоволување на потребите за топлинска енергија во Скопје. Најавените енергетски проекти веќе го поминаа првиот собраниски филтер, но за разлика од пратениците, кои само кренаа рака без некоја посериозна расправа, експертите речиси секојдневно презентираат нови и нови аргументи со кои се спротивставуваат на владиниот предлог, нудејќи алтернативни решенија, анализира Нова Македонија.
Главните забелешки на експертите се дека когенеративната гасна централа нема потреба да се дава на странски партнер, бидејќи според актуелните цени за нејзина изградба и опремување, Македонија може самата да обезбеди средства, па на тој начин и целокупните финансиски придобивки од неа би останале во земјава, наместо да се одлеваат во странство.
Тунески: Финансиски колапс за државата!
Атанаско Тунески, професор на Машинскиот факултет во Скопје, ефектите од законот ги оквалификува како „катастрофални за Македонија“! Притоа, тој ги оценува бројките што ги наведуваат владините претставници како фрапантни и укажува дека можат да доведат до финансиски колапс на државата.
– Како поинаку да се протолкува тоа што на „Митилинеос“ му се дава државна помош од 50 милиони евра во кеш, плус исто како државна помош може да се смета што му се дава плац од 115 илјади квадратни метри. Тоа се 20 фудбалски игралишта со закуп од само 10 денари по квадратен метар месечно, што е повторно државна помош затоа што овој закуп во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) чини четири евра за квадратен метар. Третиот и најважен тип државна помош е тоа што му се гарантира дека сета струја и сета топлина ќе му се купи, и тоа по цени што се од 15 до 35 отсто повисоки од берзанските – рече Тунески.
Неговите согледувања се совпаѓаат со ставовите на експертската јавност, со тоа што професор Тунески прави дополнителна длабинска анализа на бројките што ги нуди Владата во својот предлог. За него е спорен и фактот дека целокупната произведена струја и топлина што ќе ги произведе „Митилинеос“ земјава ќе мора да го купи и дури и да не ѝ требаат.
– Попластично кажано, тоа значи дека кога не ни треба топлина ќе ја плаќаме, кога не ни треба струја во ноќно време, сеедно што Македонија во одредени ноќни периоди извезува струја, ќе има обврска да купува струја од „Митилинеос“. Сето тоа непотребно ќе го плаќаме и на годишно ниво тоа непотребно плаќање ќе нè чини 20 милиони евра – додава Тунески.
Македонија од договорот со „Митилинеос“ ќе изгубеше 35 милиони евра само за две години
Професорот Туневски за дополнително да ги илустрира штетите од еден таков договор за изградба на гасна централа со странски инвеститор ги презентира пресметките што ги направиле универзитетските професори, а кои беа деновиве презентирани на јавноста. Според овие пресметки, Македонија од договорот со „Митилинеос“ ќе изгубеше 35 милиони евра само за две години, ако таа се изградеше во 2022 година, наспроти тврдењето на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи дека државата би заработила 10 милиони во истиот период.
Во прилог на своето тврдење дека државата мора да изнајде средства за да ја изгради централата во сопствена режија, Тунески ги цитира зборовите на директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски, дека во државната каса треба да се слеат од 120 до 150 милиони евра на име на данок од „Митилинеос“. Според Тунески, токму овој податок јасно укажува дека компанијата во наредните 30 години, колку што е предвидено да трае закупот, ќе има профит од 1,2 до 1,5 милијарда евра, и затоа мора да се изнајде начин за домашно финансирање на проектот за и профитот да остане дома.