Веќе неколку дена интегративците се гласни во својата намера во промена на претседателскиот модел, односно истиот да се бира во Собранието наместо на непосредни избори. Ваквата идеја денеска одново ја презентираше партискиот портпарол Арбр Адеми.
Остануваме на идејата претседателот на државата да се избира во Собранието за да се обезбеди општествен, натпартиски консензус со над 80 гласови во Собранието како и етнички консензус преку Бадентерово мнозинство за да се спречи етничко надгласување и наметнување на волјата само на двете поголеми македонски политички партии, вели Адеми.
Претседател – функција од протоколарен карактер
Адеми претседателската функција ја опиша како „функција од протоколарен карактер“, а тој вели дека на овој начин ќе се заштедат пари. Сумата која ја презентираше се 20 милиони евра.
На тој начин и ќе се заштедат околу 20 милиони евра, но и десетици илјади граѓани ќе се поштедат од процесот на собирање потписи и сите граѓани исто така ќе бидат поштедени од кампањата и учеството на изборите за функција која има протоколарен карактер, вели Адеми.
ДУИ се разочарани од ВМРО-ДПМНЕ
Адеми рече дека е разочаран од македонските политички партии пред се од ВМРО-ДПМНЕ бидејќи „еднаквоста ја гледаат како уцена“.
Вин-вин ситуација за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ?
Во својата прес-конференција Адеми ја окарактеризира како вин-вин ситуација за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а додаде дека така ќе се спречи руско влијание.
„Ни требаат сите гласови за да ни се овозможи да го измениме Уставот, истовремено и за претседателот и за уставните амандмани кои произлегуваат од Договорот за добрососедство и да продолжиме одлучно кон ЕУ. Ова е вин – вин шанса и за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и за сите граѓани“, рече портпаролот на ДУИ и додаде дека така и ќе се спречи Русија и руското влијание.