Државната изборна комисија соопшти кога завршува увидот во избирачкиот список
Подготовките го земаат својот замав, се вжештува политичката сцена. Државната изборна комисија соопшти дека до 18 март може да се направи увид во Избирачкиот список и за претседателските и за парламентарните избори. Освен тоа, тогаш завршува и рокот за гласање од дијаспората.
Листите на кандидати за претседател на нашата држава, овластените претставници на предлагачите ги доставуваат до ДИК најдоцна на 19 март, до крајот на денот односно до 23:59 часот.
4.000 лица направиле увид
Од ДИК информираат дека досега, заклучно со 11-ти март вкупно 3.994 лица направиле проверка во Избирачкиот список во подрачните единици и канцеларии. Само шест лица барале промена на податоците, а девет лица барале запишување на своите податоци во Избирачкиот список, а пет бришење.
Проверката граѓаните ја прават и електронски преку веб страната на ДИК и исто така можат да поднесат и барања. Па, така до 11 март 21 лице поднело барање за промена на податоци по електронски пат, од кои три лица побарале бришење на податоците, а седум за запишување во Избирачкиот список.
Според информациите од Апликација на Државната изборна комсија за регистрација на гласачи од дијаспора (sec.mk) утрово таа бројка изнесува 1010 пријавени, од кои прифатени се 617, необработени 278 и одбиени 115.