На Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија била извршена успешна комплексна микроваскуларна реконструкција на дојки по билатерална мастетомија со примена на иновативни микроваскуларни процедури, соопштија од Министерството за здравство. Операцијата, како што велат од МЗ, била изведена со поддршка од тимот на стручни лекари од Клиниката за пластична и максилофацијална хирургија при Универзитетската болница во Упсала во Шведска.
Министерот за здравство Илир Демири и заменик министерката за здравство Маја Манолева, денеска ја посетија Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.
Демири, изрази голема благодарност до целиот медицински тим вклучен во комплексна микроваскуларна реконструкција на дојки од Клиниките во Скопје и Упсала, но и до проф. Андрес Родригез, директор на Клиниката за пластична хирургија во Упсала, како и до проф. Димитрис Дионисис од Универзитетот Аристотелис во Солун за посветеноста и стручноста.
Унапредувањето на едукацијата за специјалисти и специјализанти во микрохирургијата е клучен аспект на реконструктивните процедури. Токму ова партнерство ја покажува заедничката посветеност за унапредување на микрохируршката едукација, како суштински сегмент на реконструктивната хирургија, истакна Демири.
Манолева, потенцираше дека низа специјализирани обуки во изминатите години се спроведени на Клиниката за пластична хирургија во Упсала, каде хирурзите и специјализантите од клиниката од нашата држава имаа можност да научат за најсовремените микроваскуларни техники. Едукациите на хирурзите се под менторство на проф. Марија Мани и д-р Елеонора Димовска.
Директорката на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија д-р Софија Пејкова истакна дека установата веќе неколку години има одлична соработка со Клиниката за пластична и максилофацијална хирургија при Универзитетската болница во Упсала во Шведска.
Ја изразуваме нашата искрена благодарност до проф. Андрес Родригез, директор на Клиниката за пластична хирургија во Упсала, за неговата исклучителна посветеност во поттикнувањето на професионалниот раст на нашиот медицински тим. Наш гостин е и проф. Димитрис Дионисис од Универзитетот Аристотелис во Солун, реномиран авторитет во областа на хирургијата на лимфедем. Неговото присуство носи дополнителен спој на експертиза и имплементација на иновативни техники, посочи д-р Пејкова.