Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со одлука од деканатската управа, на пладне ќе организира мирен протест пред Владата. Според најавите, на отворено ќе се одржи и седница на наставно-научниот совет на факултетот. Од ФИНКИ бараат власта да ги подобри условите за студирање на студентите.
Од неформалната организација Студентска револуција соопштија дека ќе го поддржат протестот и ги повикаа на поддршка студентите, професорите, како и вработените на УКИМ.
-Ние Студентска револуција како неформална организација го поддржуваме протестот на ФСС Финки и УСС пред Влада. Воедно ја користиме оваа прилика е да ве повикаме сите студенти, професори, вработени на УКИМ заедно да излеземе и да одеме пред Влада со едно прашање: „Како преку вештачката интелегенција да дојдеме до „таа“ зграда на ФИНКИ?“, велат од организацијата.
Наставата на факултетот се одржува во 8 различни објекти. Изградбата на новиот објект долго време е стопирана, не се презема ништо за нејзино повторно активирање.
Управата на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) на седницата одржана на 18 месецов донесе заклучоци со кои побара Владата на следната седница да донесе одлука за давање на времено или трајно користење, без надомест, на објектот кој се наоѓа на КП бр. 1856, КО Карпош, ИЛ бр. 47924, согласно барањето испратено од Факултетот до Владата на 19 мај 2023 гдоина. Факултетот бара Владата да го задолжи Министерството за образование и наука во рок од три месеци да обезбеди простор и да изврши релокација на Бирото за развој на образование, како орган на државна управа во состав на Министерството.