Жител на селото Џир, кај албанскиот град Либражд обвинува дека веќе четири месеци го чуваат во заложништво во селото Топлица, гостиварско.
-Џевахир Хоџа, е еден од многуте Албанци, кои одлучиле да работат во кој било сектор, надвор од Албанија, за да обезбедат колку толку приходи за семејствата. Но, и покрај напорната работа како овчар, за четири години во гостиварско Топлица, тој не само што не го добил сработеното, туку нема ни надеж за тоа, пренесува Ора њуз.
Дополнително на тоа тој обвинува дека од јануари кога дошол по парите, не му дозволуваат ниту да се врати назад во Албанија.
-Дојдов да ги земам парите за сработеното за четири години. Речиси пет месеци сум тука. Не ми дозволуваат да се вратам во моето село Џир, Либражд. Од јануари сум во Гостивар, ниту една плата не ми е исплатена. Кажете им на браќата да дојдат и да ме земат затоа што тој нема да ме пушти, ме држи како заложник, изјавил Хоџа за телевизијата.
Екипа на телевизијата била во родното село на Хоџа, каде членови на неговото семејство потврдиле дека од јануари кога тој заминал за да ги добие парите за претходниот ангажман, изгубиле контакт со него.
Неговиот брат вели дека тој сеуште не го пријавил случајот во полиција, и дека не знае како да ја реши оваа ситуација.
-Не знам што да правам. Тој замина во јануари, сега е мај. Ние воопшто не сме комуницирале, изјавил братот на Џевахир.
Ора Њуз успеала да го пронајде контактот на сопственикот на фармата каде работи Џевахир Хоџа, но тој не одговорил на телефон.