Шефот на ОН за човекови права „ужаснат“ од извештаите за масовни гробници во Кан Јунис по израелското повлекување каде што беа ексхумирани над 300 тела. Бара независна истрага.
„Високиот комесар е ужаснат од уништувањето и објавеното откритие на масовни гробници во и околу овие објекти. Повика на независни, ефективни и транспарентни истраги за смртните случаи“, изјави Равина Шамдасани, портпарол на Канцеларијата за човекови права на ОН.
Тел Авив ги негира наводите за овие злосторства. Војската продолжува со офанзивата. Високиот претставник на ЕУ, уништувањето во Газа го спореди со германските градови за време на втората светска војна.
„Градовите во Газа се повеќе уништени од германските градови за време на втората светска војна. Израел мора да го почитува меѓународното право, да ги спроведе привремените мерки на Меѓународниот суд на правдата и да обезбеди заштита на сите цивили и хуманитарни работници да ја вршат својата работа“, изјави Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политика.
Продолжи одмаздата на Хезболах. Истрелани десетици ракети врз Израел како одговор на смртта на двајца цивили во јужен Либан. Военото крило на Хамас вети ескалација на сите фронтови.
„Ги повикуваме сите народи на нашата нација на ескалација на чинот на отпор, во секоја форма и на секое место. Првиот и најважен фронт е окупираниот Западен Брег кој ќе го порази непријателот и ќе ги промени сите равенки“, изјави Абу Обаида, портпарол на бригадите Ал Касам.
Стотици демонстранти протестираа во Израел одбележувајќи 200 дена од војната со исто барање-да се ослободат заложниците во Газа.
„200 дена заложниците се во Газа, тоа е ѕверско, невозможно. Луѓето во светот треба да разберат: бевме нападнати, речиси уништени како нација. Не разбирам зошто немаме милион луѓе овде на улиците“, рече Ели Алони, демонстратор.
Повеќе од 130 лица беа приведени во Њујорк по антиизраелските студентски демонстрации. Нови напади и врз американска воена база во Ирак, втор неделава. Нема штети, ниту жртви. Вашингтон ги повика властите во Ирак да ги заштити американските војници.