Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа во Куманово порача дека се решителни да направат промени, да ја победат апатијата, да ја создадат иднината и да ја преземат одговорноста, зашто рече, „просечните владеат, неспособните се на позиции, а паметните тргнати на страна.“. Тој пред кумановци кажа дека сегашната влада паѓа и дека сите ќе се соочат со одговорност.
– Ќе одговараат и затоа што Македонија ја донесоа на работ на сиромаштија. Тоа што 600 илјади наши сограѓани живеат со само 160 денари на ден. Тоа што имаме најголема инфлација во Европа, рекордери по криминал и индекс на мизерија. Но и ќе одговараат што ја одземаа државата и приграбија за себе. 100 души од ДУИ управуваат со сè во земјава. Тие мислат дека се господари на животот и смртта, дека располагаат со државата додека безмилосно ја крадат. СДСМ тоа им го овозможи за да може да владее, рече Мицкоски. Тој додаде дека на ДУИ ќе завршат во опозиција и дека попусто испраќаат „емисари“ за преговори. Поддршката истакна ја бара од опозицијата, од сите кои се борат против оваа власт. Пред кумановци уште еднаш повтори дека подава рака кон албанската и кон македонската опозиција.
Истовремено мора да признам и да кажам дека не сум задоволен од тоа што поединци коишто се декларираат како опозиција ги убедуваат граѓаните дека тие требало да гласаат за нив, бидејќи тие секако ќе биле во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Ние подаваме рака, но, тоа не значи дека ќе се случи безусловно и тоа треба секој еден граѓанин во Македонија да знае без разлика на етничката припадност. Гласот за коалицијата „Твоја Македонија“ и ВМРО ДПМНЕ е глас за сила која единствено може да ги менува и промени работите во Макеоднија, рече Мицкоски.
Тој ја повика опозицијата да одговори на две прашања како ќе ги советува граѓаните кои првпат гласале за нив дали ќе излезат на избори или ќе останат дома и ако се вистински опозиционери да кажат како советуваат гласачите кои во првиот круг гласале за нив, дали сега ќе гласаат за Пендаровски или Силјановска Давкова и повика на вистинска политика. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика и неопределените, оние кои гласале за други кандидати кои не влегоа во вториот круг, како и оние кои не гласале да се приклучат за „надеж за Македонија“.
– Ќе отпочнеме фронт против корупцијата, ќе направиме распуштање и законска реформа на судскиот и советот на јавни обвинители, проверка на имотот на судиите и јавните обвинители. Нашата работа допрва почнува и кора да работиме од денес натаму уште повеќе затоа што иднината зависи од нас, кажа Мицкоски.
Тој додаде дека нема да биде лесно, но, како што нагласи, со искрена борба и чесност ќе се постигне промена во која „надежта ќе го победи стравот.“
Пред присутните се обрати и носителот на листата, Владо Мисајловски кој рече дека до подобро утре се стигнува сплотено, со масовна изленост и наведе проекти со програмата Платформа 1198.
-Ветуваме дека пензионерите ќе добијат 5.000 денари линеарно покачување уште во првата година. Исто така планираме да отвориме 50 илјади нови работни места, ќе има учебник за секое дете и во основно и во средно образование. Ќе има 50 милиони евра директна поддршка во спортот, 250 милиони евра за капитални инвестиции во сите општини годишно, за четири години тоа се една милијарда евра, рече Мисајловски.
Пред кумановци зборуваа и побараа поддршка кандидатите за пратеници од Куманово, Бобан Николовски, Бране Петрушевски, Мартина Ристовска и лидерот на ДПСМ, Иван Стоиљковиќ.