Организациската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази, не постапила и не ја потпишала опомената од Државниот санитарен и здравстве инспекторат (ДСЗИ) која од неа бара да им ги одземе пристапите на единаесетмина, чии договори за ангажирање истекле со истекот на 2023 година, но и покрај тоа доаѓаат на работа и се евидентираат во електронскиот систем. Бидејќи не ја почитувала опомената, директорката Иљази сега ќе добие забрана за пристап на лица кои немаат договори за работа, а доколку не ја почитува ниту забраната, ќе следи парична казна.

„ДСЗИ изврши контролен инспекциски надзор на Клиниката за токсикологија по издадено решение за опомена со наложени инспекциски мерки. По истото беа должни во рок од три дена да испратат писмено известување дали е постапено по решението, но такво писмено известување не добивме. Со оглед на фактот дека на самиот надзор присуствуваа двајцата директори, медицинскиот и организацискиот, беше доставена документација во однос на листи од електронска евиденција на работно време и контрола на пристап во просториите. Од документите ДСЗИ констатираше дека под точка 1 и 2 од решението издадено за опомена не се постапува, односно здравствените работници и соработници кои што немаат договор за вработување односно договорот им истекол на 31.12.2023 година, истите се евидентираат и понатаму на Клиниката за токсикологија, што значи не е постапено по решението“, вели директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Рената Младеновска.

При контролниот увид на инспекторите им биле дадени документи кои покажуваат дека опомената со известување кои мерки треба да се преземат ја потпишал медицинскиот, но не и организациската директорка. ДСЗИ ги известил двајцата директори дека треба да им се одземат токените за идентификација и електронско евидентирање на работното време на лицата со истечени договори.

Директорката Младеновска денес извести дека од организациската директорка на Токсикологија добиле образложение зошто не потпишала. На вториот состанок со Иљази, исто како и на првиот се разбирале со преведувач оти таа не зборува македонски јазик.

„Таа има дадено изјава дека, во известувањето, од клиниката се бара да се одземат токените. Таа смета дека тоа не е мерка која е предложена од решението на ДСЗИ и побара да се вметне и тоа како мерка во самото решение за опомена па потоа да го потпише“, рече директорката Младеновска.

ДСЗИ ќе донесе уште едно решение за Клиниката за токсикологија во кое ќе забрани пристап на здравствени работници и соработници кои немаат никаков договор за вработување.

При контролниот надзор инспекторите констатирале дека клиниката единствено постапила по барањето да се свика Управниот одбор за да одлучува за актите во кои имаат заедничка надлежност медицинскиот и оргнизацискиот директор.

Клиниката за токсикологија веќе цел месец ја тресе скандалот со лицата ,кои и покрај тоа што немаат договори, доаѓаат на работа, многумина од лекарите јавно се пожалија дека немаат комуникација со организациската директорка, а мината недела, пак, пукна цевка за парно, направи поплава и се отвори нов скандал околу осигурувањето на клиниката.

Извор: Макфакс