Со посета на базиликата „Свети Климент“, каде се наоѓа гробот на Свети Кирил и на базиликата „Санта Марија Марџоре“ денеска во Рим продолжува посетата на претседателката Гордана Силјановска Давкова по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Рим, Силјановска Давкова ја предводи државно-црковната делегација во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свeти Кирил“, а денеска во базиликата „Свети Климент“ традиционално како и секоја година ќе се одржи молебен на гробот на Свети Кирил. Молебенот ќе го водат митрополитот Дебарско-кичевски, Тимотеј и митрополитот Европски, Пимен.
Македонска црковно-државна делегација утрово имаше поклонение на гробот на свети Кирил во Рим, соопшти Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.
По молебенот, претседателката и делегацијата во базиликата „Санта Марија Маџоре“ ќе положат венец на спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј.
Поклонението на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе” во Рим првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на свети Кирил, и оттогаш секоја година на 24 Мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.
За попладнево е предвидена средба на Силјановска Давкова со нејзиниот италијански колега, Серџо Матарела.
Силјановска Давкова, посетата на Рим и Ватикан, која е нејзина прва посета во странство по стапувањето на претседателската функиција, официјално ја почна вчера со аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.
Таа по средбата изјави дека со папата разговарале за поддршката на Ватикан за процесот на евроинтеграција на земјава, но и на целиот Западен Балкан, како и актуелните случувања во светот, но и за претстојната конференција за Украина во Швајцарија, каде Ватикан ќе присуствува како набљудувач.
Поддршката на Ватикан за процесот на евроинтеграција на земјава, но и на целиот Западен Балкан, како и актуелните случувања во светот биле дел од темите на денешниот разговор на претседателката.
Триесет години потоа во соработката рековме дека успесите се очигледни. Потврдивме дека во посетата во 2019 година беше неверојатно инспиративна не само кон малото стадо, на кое папата му порача да не се плаши, туку за сите религии, дека сме пример за религиозен дијалог, дека Ватикан верува во нашата сила – рече Силјановска Давкова.
На средбата, како што истакна, изразила разбирање за склучување на конкордат со Ватикан, бидејќи системски треба да се пристапи кон решавањето на прашањата врзани особено за статусот на Католичката црква и христијаните од католичката вероисовест кај нас. Таа посочи оти овие прашања таа самостојно не може да ги реши бидејќи не е надлежна, но дека во соработка со Владата може многу лесно да се надминат.
Изразив желба да се отвори нунцијат кај нас бидејќи така ќе може навистина соработката да биде директна. Да веќе имаме соработка во многу области во сферата на образованието, библиотекарството, конзервирањето и изразена е поддршка таа да продолжи. Има некои проблеми врзани за национализацијата на земјиштето или за отворање на црква во Чаир, всушност таму има локација, но заради промената на урбанистичкиот план не може да се реализира – рече претседателката, која вчера оствари средба и со државниот секретар на Ватикан, монсињор Пјетро Паролин.
Во Ватикан на аудиенција кај папата беше и бугарскиот претседател Румен Радев, кој вчера го одбележа Денот на сесловенските просветители со посетите на двете познати базилики, но сепак, иако се говореше дека е можна средба со Силјановска Давкова, таа сепак не се реализираше, поради, како што официјално изјавија, преполните агенди, но не ја исклучија можноста таа да се реализира во некоја наредна прилика.
Неофицијално бугарската страна побарала средбата да се одржи во бугарската Амбасада, но за нашата делегација тоа не било прифатливо.
Претседателката вчера во изјава за медиумите по средбите во Ватикан рече дека со Радев не се сретнале поради неможноста да се усогласат агендите на двајцата шефови на држави. Подготвеност за средба постоела и од двете страни, посочи таа, но ја оставиле за некоја наредна прилика.
Изразивме подготвеност, но до средба нема да дојде. И двете делегации имаме агенда меѓутоа рековме дека час поскоро, во првиот можен момент, ќе ја реализираме – изјави Силјановска-Давкова.
Импичмент нема да ги пополни браните или фрижидерите на луѓето, ниту ќе ги зголеми пензиите, туку најмногу ќе ги наполни плоштадите и ќе доведе до дефинитивен колапс на Владата, изјави бугарс
Радев, пак тука во Ватикан во изјава за бугарските медиуми рече дека поради набиената програма организирана до минута, бугарската делегација не можела да се сретне со делегацијата на Република Македонија, предводена од Силјановска Давкова.
Позитивен знак е што претседателот на Република Македонија покажал желба за ваква средба, одговорил Радев на прашањето дали е побарана средба меѓу него и Силјановска-Давкова во Рим. Очекувам, нагласил Радев, дека таква средба ќе има наскоро. Прашан дали ја кани Силјановска-Давкова во Бугарија, Радев одговорил „Ја поканувам, секако“.
Сметам дека желбата на Република Македонија за дијалог е позитивен знак. Само преку дијалог ќе ја зајакнеме меѓусебната доверба, ќе ги решиме сите спорни прашања и ќе ја отвориме вратата на Република Македонија кон ЕУ. Се надевам и мој апел е дека оваа средба ќе се случи час поскоро. На ред е претседателот на Република Македонија, ако не се лажам, да дојде во Бугарија – изјавил Радев.
Тој со порака и дека земјава треба да покаже дека навистина сака да биде дел од обединета Европа со тоа што ќе ги исполни сите барања што ѝ ги поставувала ЕУ, исто како што било за секоја земја членка.
Мојата порака до претседателот на Република Македонија е дека Бугарија час поскоро очекува промена на реториката и конечно да престане со јазикот на омразата – изјави Радев.
Во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, претседателката Силјановска Давкова вчера попладне во Рим присуствуваше на концертот на Националната установа „Камерен оркестар од Битола“, настан во организација на Министерството за култура.
Силјановска Давкова на одбележувањето на 24 Мај ја предводи државно-црковната делегација, во чиј состав се и заменик-министерот за култура, Онур Али, амбасадорот во Италијанската Република, Весел Мемеди, амбасадорката при Светиот Престол, Марија Ефремова, директорот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски. Делегацијата на МПЦ-ОА ја претставуваат владиците Тимотеј и Пимен, додека Католичката црква ја претставува протојереј ставрофор, Зоран Стојанов.