Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Швајцарската Конфедерација, Вероник Халман Марти.
На средбата беа разменети мислења за севкупната билатерална соработка меѓу двете држави, што ги поврзува традиционално и искрено пријателство засновано на соработка и меѓусебно почитување.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека во Швајцарија, со која годинава одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, гледаме голем пријател и искрен сојузник во процесот на остварување на надворешнополитичките цели и приоритети.
На средбата претседателката Сиљановска Давкова ја истакна важноста на швајцарската поддршка за македонските институции, како на централно, така и на локално ниво, но и за граѓанското општество и нагласи дека особено го цениме фактот што Швајцарија е наш најголем билатерален донатор.
Претседателката Сиљановска Давкова посочи на потребата од натамошно зајакнување економската соработка, како преку натамошно унапредување на трговската размена, така и преку зголемување на швајцарските инвестиции.
На средбата беше посочено и на бројната македонска дијаспора во Швајцарија, како важен аспект во севкупниот развој на односите меѓу двете држави.