Градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети повеќе нема да ја предводи општината, туку ќе продолжи како пратеник во Собранието.
Беџети истакнал дека ќе биде гласот на волјата на народот, додека на гласачите им се заблагодарил за поддршката на локалните и сега на парламентарните избори.
„Почитувани граѓани на општина Сарај и пошироко, сакам да ве информирам дека од денеска започнува моето ново патување како пратеник и вашиот глас во Собранието на Македонија. Сакам да се заблагодарам на секој од вас што ме поддржа на локалните избори за да застанам на чело на општина Сарај и сега на парламентарните избори да ве претставувам во Собранието. Ви ветувам дека ќе бидам гласот на волјата на народот и ќе ви докажам дека легитимитетот на албанскиот глас му припаѓа на Европскиот фронт. Продолжуваме обединети за најдоброто од граѓаните, европската држава и за подобар економски развој“, напишал Беџети на социјалните мрежи.
По ваквиот развој на настаните, се очекува распишување предвремени локални избори во општината Сарај. Со оглед дека уште неколку градоначалници се во игра за пратеници или министри, се претпоставува дека скопската општина нема да биде единствената каде би се организирале предвремени избори за лице што ќе ги предводи.
За разлика од Беџети, еден од лидерите на ВЛЕН и претседател на БЕСА, Биљал Касами, реши да го врати пратеничкиот мандат и да остане прв човек на општина Тетово.