Не стивнуваат реакциите во јавноста околу одлуките кои ги носат политичките претставници кои се во заминување.
Последна реакција пристигнува од професорот по уставно право Денис Прешова кој на својот Фејсбук профил го повика Собранието да реагира и да го опомени Талат Џафери дека не може сам да си бира функции, и истакнува дека не може согласно законите во земајва во исто време да биде и премиер и пратеник. Ако Џафери одбие, Собранието, посочува Прешова, треба да констатира престанок на пратеничкиот мандат на Талат Џафери.
Судејќи по фактот дека некако јавноста почна да го заборава проблемот со акумулираните функции на Талат Џафери и дека одново како да се попушта во доследното третирање на овие правни прашања пред агресивноста во изнесувањето на наводните, а лажни, „правни“ аргументи почувствував потреба кратко да се произнесам околу неспојливоста на пратеничката функција. Одново дотичната особа сака да ни продаде самоволие и силеџиство како правно толкување како и во редица на претходни ситуации како на пример со изборот, вонредната состојба, гласањето за недоверба, ветото и слично. Лажно претставувајќи ни се како некаков врвен правен авторитет и величина, тој всушност во крајно арогантен манир ни укажува дека нема што институциите да постапуваат и да ги применуваат правилата бидејќи правно правило е она што Талат ќе ви каже. Во типично војнички манир – наређење, извршење – ни долови дека неговиот ментален склоп всушност е неспојлив со демократија, парламентаризам и владеење на правото, исто како што пратеничката функција е неспојлива со функцијата претседател на Владата. Институциите мора веднаш да постапат и да ги почитуваат и соодветно да ги спроведуваат правните правила. Едноставно треба да сфатиме дека правилата мора да се почитуваат од сите, а особено кога станува збор за носители на највисоките функции во државата, бидејќи тие треба да бидат пример за сите останати. Но како стојат работите со вистинските правни аргументи на кои сосема исправно се упатуваше во јавниот дискурс во изминатите денови – пишува Прешова.
Понатаму професорот посочува дека „демонстрирајќи класично самоволие Џафери одлучи самиот да си избере која функција ќе му мирува, пратеничката, иако таква можност за мирување кај пратениците апсолутно не постои, а која ќе ја извршува, претседател на Влада, и на кој закон тој ќе се повикува со сопствено толкување“. Прешова дополнува дека ако согалсно оваа одлука на Џафери секој од нас да може сам да си одлучува кои се функции сака да си ги извршува без оглед на правните правила.
Можеби утре Џафери ќе сака во ист момент да биде и претседател на Републиката бидејќи претседателката заминала во странство па ќе потпишува укази за прогласување на закони или самиот да одлучи дека ќе биде претседател на Уставен суд бидејќи ете таму бил блокиран процесот на избор, а тој е најсоодветниот кандидат за таа позиција како една неспорна правно-експертска величина – напоменува тој во постот.
Тој истакнува дека Собранието мора веднаш да го извести Џафери за постоењето на неспојливост на неговата пратеничка функција со функција во извршна власт и ќе му укаже дека престанала неговата функција претседател на Влада, а не нему да му остава да си толкува правни норми како сака и како му одговара.
Воедно потенцира дека согласно законите, ако Џафери остане на премиерското столче, да му биде укинат пратеничкиот мандат кој никако не може да се стави во мирување согласно законите во Македонија.