Главен приоритет останува уништувањето на Хамас и враќањето на заложниците.

„Поминавме долг пат за да ги вратиме заложниците, но во овој процес ги задржавме целите на војната, главна меѓу нив, е елиминација на Хамас. Затоа инсистирам и на двете. Тоа е дел од рамките на договорот, не е нешто што го додавам затоа што бев притиснат од коалицијата, туку тоа е нешто за што едногласно се договоривме во воениот кабинет“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

САД тврдат дека ништо не е изоставено во договорот, ниту пак дека целта им била да извршат притисок врз Нетанјаху и воениот кабинет. Бараат Хамас да го прифати предлогот.

„Светот треба да знае, палестинскиот народ треба да знае дека единственото нешто што стои на патот за итен прекин на огнот е Хамас. Предлогот на маса е речиси идентичен со она што тие рекоа дека ќе го прифатат. Сега е време да дејствуваат“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Повик до Хамас да го прифати договорот пристигна и од земјите на Г-7. За Иран, американскиот предлог е лицемерен.

„Ако Американците се искрени, тогаш наместо да презентираат планови под името прекин на огнот, треба да направат еден чекор, а тоа е да ја прекинат нивната помош за израелскиот ентитет“, Али Багери Кани, в.д. министер за надворешни работи на Иран.

Офанзивата во Газа продолжи. Тел Авив ја потврди смртта на уште 4 заложници во Газа. Гневот кај семејствата расте. Бараат итно прифаќање на договорот.

„Од недела на недела слушаме се повеќе и повеќе за заложници кои умираат. Сега сме во критичен момент и ако не преговараме и не склучиме договор, нема надеж за оваа земја“, изјави Ифат Калдерон, роднина на заложник во Газа.

САД ја испратија Нацрт-резолуцијата за Газа до членките на Советот за безбедност на ООН како би се поддржал планот на Бајден за ставање крај на војната. Во истовреме Словенија го одложи признавањето на палестинската држава со предлог за референдум поднесен од опозицијата. Палестинските власти поднесоа барање до Меѓународниот суд на правдата да ѝ се придружи на Јужна Африка во нејзиниот случај против Израел за геноцид во Газа.