Пари од државната каса побарале и добија и сите владини функционери кои не усепааја да станат пратеници во новиот состав на Собранието, пренесува МКД.мк.
Вкупно 36 пратеници од претходниот собраниски состав побарале и добиле апанажа откако денеска собраниската Комисија за избори и именувања, со еден глас против, донесе решението за добивање на апанажа на уште седум пратеници што од власта што од опозицијата. Сите тие во следните шест месеци до една година, месечно ќе добиваат по околу две илјади евра, колку што изнесува една пратеничка плата.
Апанажа побарале и добиле и сите владини функционери кои не станаа пратеници.
Пари од државниот буџет побарале и тројца вработени во кабинетот на сега веќе поранешниот претседател Стево Пендаровски, но собраниската Комисија за избори и именувања ги одби нивните барања со образложение дека тоа се функционери кои не се избрани од Собранието.
На денешната собраниска комисија беше прифатено и барањето за остварување на отпремнина при заминување во пензија од поранешните пратеници Коле Чаракчиев, Стојан Миланов и Панчо Минов кои ќе добијат по две просечни плати.
Комисијата го усвои и барањето за остварување на плата по престанок на функцијата член на Советот на јавните обвинители на членот Арбен Исаку.
Претседателот на Комисијата, пратеникот Ѓорѓија Сајкоски денеска ги потпиша и решенијата за плата на новите пратеници, на координатори на пратенички групи, на избрани претседатели на работни тела, на новиот претседател на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, како и на поранешна претседателка на судот, Добрила Кацарска.