„Сметаме дека во конкретниов случај станува збор за акт на самоодбрана, односно, за институтот нужна одбрана, а не за сторено кривично дело „убиство со умисла“, како што тврди Јавното обвинителство во своето соопштение. Крајно парадоксално е што жртвата на семејно насилство сега е гонета од Јавното обвинителство како извршителка на семејно насилство. Според соопштението на самото Јавно обвинителство Куманово се вели: „При вршење семејно насилство на 13 јуни, осомничената со умисла ги лишила од живот сопругот и свекорот. По претходна вербална расправија, сопругот физички ја нападнал осомничената, удирајќи ја со тупаници во пределот на главата и телото, а потоа со рацете ја фатил за вратот и почнал да ја дави. Таа успеала да се тргне и од кујната зела кујнски нож со кој најпрвин го прободела сопругот, а потоа и неговиот татко. Од повредите тие починале на лице место.“ Оттука произлегува дека осомничената В.И. од Кратово самата била жртва на семејно насилство, се вели во соопштението на Плаформата.
Според нив постапувањето на Јавното обвинителство многу наликува на случајот на Пале Иловска од Велес која исто така беше долгогодишна жртва на семејно насилство и како акт на самоодбрана го уби насилникот. Слично, како во овој случај и неа Обвинителството ја гонеше за „убиство на миг“. Судот тогаш правилно донесе ослободителна пресуда.
„Особено, треба да се има предвид историјата на насилството и малтретирање врз жртвата В.И. и да се земе предвид дека и децата биле жртви на семејно насилство, како и институционалниот пропуст да ја заштитат жртвата, оставајќи ја сама да се брани. Ова не е прв случај кога жените што претрпеле семејно насилство не само што не биле заштитени од страна на надлежните институции, туку истовремено и самите биле пријавувани и третирани како сторители на семејно насилство. Бараме ова да биде последен случај на погрешно третирање на семејното насилство и повикување на одговорност на жените кои се најмногу погодени од насилството, вклучително и од отсуството на навремена и соодветна реакција од институциите“, реагираат од Платформата.
Платформата за родова еднаквост бара Судот да постапува со должно внимание во овој предмет и да ги разгледа сите решителни факти. Иако судската пракса не е задолжителна, бараме Судот да ги земе предвид принципите утврдени со ослободителната одлука во случајот на Пале.
Како што велат, тие ќе се обрати до Центарот за социјална работи и до полицијата за да се утврди зошто и како настанал пропуст во овој случај и дополнително ќе го следат постапувањето на надлежните институции.
Извор: МРТ