Прво телевизиско соочување помеѓу двајцата кандидати за шеф на Белата Куќа. Актуелниот претседател на САД, 81-годишниот кандидат на Демократската партија Џо Бајден и неговиот три и пол години помлад републикански ривал, Доналд Трамп ќе ги вкрстат аргументите во Атланта, Џорџија, во првата од двете претстојни телевизиски дебати пред изборите во ноември. Претендентите за претседателската фотелја се највозрасни кандидати во американската историја.
„Ниту еден од кандидатите не оди со некоја посебна предност или недостаток. Мислам дека она што Бајден сака да го направи е да ги потсети гласачите на хаосот на претседателството на Трамп. Од друга страна, Трамп ќе сака да им каже на гласачите дека изминатите четири години биле обележани со инфлација, имиграција и хаос“, изјави Питер Лоџ, директор и вонреден професор, Универзитет Џорџ Вашингтон.
Во текот на 90-те минути пред камерите, Бајден и Трамп, за кои анкетите покажуваат дека имаат подеднаква поддршка од гласачите, ќе разговараат за економијата, војните во светот, имиграцијата и демократијата. Според јавното мислење, двајцата кандидати имаат силни адути, а најмногу се заинтересирани за тоа како би ја подобриле економијата и демократијата, оставајќи ја возраста и способноста за функција меѓу клучните прашања во претседателската трка.
„Анкетите на Асошиејтед прес покажаа дека Американците мислат дека влогот е голем за двајцата кандидати. Генерално, Американците не се задоволни со нивните опции овој ноември. Откривме и дека повеќе од половина од Американците се незадоволни од Бајден како веројатен кандидат, а повеќе од половина се исто така незадоволни од Трамп“ изјави Амелија Томсон – Дево, Асошиетед прес.
Американците сметаат дека ТВ-дуелот на Си-ен-ен од час и половина, би можел значително да влијае на кампањата за претседателските избори во ноември. Трамп и Бајден треба повторно да дебатираат на 10-ти септември, кога е планирана втората дебата.