Вчера доцна попладне, 74-годишен жител на велешкото село Бањица бил каснат од змија. Според неговото кажување тоа било поскок, a а го каснала околу 20.50 чaсот кога отишол да се измие во чешмата од семејниот двор. З. Д. бил каснат во ногата и веднаш со членови на неговото семејство тргнале кон Велес, а истовремено била повикана и Брза помош, пренесе СДК.
„Добиен е повик во 20.55 часот за лице каснато од змија поскок, пресретнато е кај село Клуковец. Третиран е со антивиперинум серум и останата потребна терапија и е пренесен во Велешката болница“, рече д-р Василка Пановска, началничка на Службата за итна помош од Здравствен дом Велес.
Службата за итна помош од Велес интервентно се снабди со нови дополнителни дози на змиски противотров, откако пред десет дена постојните биле потрошени на двајцата пациенти кои беа каснати од змија.
„Пациент каснат од змија е примен на Интерното одделение и веќе ја примил неопходната терапија од антивиперинум од екипата на Итната помош. Лицето е во стабилна состојба и утрово беше префрлен на Инфективно одделение. Веќе е пуштен на домашно лекување“, кажа Марина Андова портпаролка на Општата болница Велес.
Ова е трето каснување од змија во Велешко за десет дена. На 28 јуни, две лица кај село Војница беа каснати од една змија откако при работа на лозје наишле на змиско гнездо.