Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Единица за корупција во соработка со Одделот за криминалистичка полиција, поднесе кривична пријава против Б.И. (29) од Тетово, заради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, предвидено и казниво по член 353 ст.3 и ст.1 од Кривичниот законик, соопшти денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Пријавената Б.И. во својство на в.д. организациски директор на Јавна здравствена установа – Универзитетска клиника за токсикологија, пречекорувајќи ги своите службени овластувања во период од 14.02.2024 до 24.06.2024, а со намера да овозможи противправна имотна корист за 17 лица, на 15.05.2024 склучила 15 договори за дело со 15 лица кои биле работно ангажирани на Универзитетската клиника за токсикологија (и други лица без регулиран правен основ за нивно присуство на клиниката), по што, ретроактивно, за лицата наводно работно ангажирани, за месеците април и мај 2024 година издала два платни налози и извршила исплата на месечен надомест за наводниот работен ангажман во вкупен износ од 659 781 денари со вклучен персонален данок на доход.
Наведените исплати се извршени противправно, со што пријавената Б.И. ја оштетила ЈЗУ Универзитетска клиника за токсикологија за вкупен износ на извршените исплати со платен данок од 659 781 денари.
Согласно наведеното, пријавената извршила службени дејствија кои што не смеела да ги изврши, односно Б.И. сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл.353 ст.3 вв.1 од КЗ, оштетувајќи ја Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за токсикологија за износ 659 781 денари.