Реформите мора да се случуваат, промени во образованието мора да има, порача и денеска министерката за образование и наука Мила Царовска, која рече дека референдумот е демократско право и за тоа си има постапка.
И покрај оспорувањето на дигитализацијата и иницијативата за собирање потписи со кои се бара референдумско изјаснување за реформите, министерката посочи дека во континуитет течат подготовките за наставата во прво и четврто одделение од учебната 2021/2022 година да почне по нови наставни програми и модернизација на образованието.
Таа истакна дека постојано има дијалог и дека Министерството е отворено за сите засегнати што имаат конструктивни предлози, а голем дел од нив, рече, се прифатени и преточени во законското решение.
– Затоа што ако вака тапкаме во место уште две, пет, седум години, го губиме и можниот потенцијал што, ако почнеме сега, може да го создадеме за приод од пет, седум и петнаесет години, кога реално може да очекуваме учениците што сега влегуваат во основно образование потоа да излезат како попродуктивни граѓани коишто ќе бидат обучени за современото жовеење, рече Царовска, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на средното скопско стручно училиште „Владо Тасевски“.