Премиерот Христијан Мицкоски во својот говор за Илинден порача дека борбата не е завршена и дека борбата продолжува.
-Борбата ја водиме со секој наш изговорен збор, во секоја наша направена акција, со секоја наша мечта за подобра иднина. Борбата за иднина, борбата за Македонија во рацете на народот е нашата обврска. Ова е борбата на нашата генерација со која оставаме трага низ времето, цврсто верувајќи во нејзината исправност и големина. Борбата продолжува, илинденците и партизаните со оружје во рака за слобода, ние со ум, визија и енергија за иднина каква заслужува секој еден човек на Македонија. И оваа борба, немаме опција да ја загубиме, и само заедно, во големо единство и со голема посветеност ќе ја добиеме, истакна тој.
Мицкоски посочи дека најважниот дел од секоја борба е единството.
-Забележете ги внимателно зборовите од Крушевскиот манифест кој освен тоа што ја слави слободарската идеја, неговата најголема порака е повикот за единство. Врз тоа единство се градеше Крушевската република, и во име на тоа единство сите го кренаа бајракот на слободата. Вистинското прашање и дилема денес е дали тоа единство постои во состојба кога борбата мора да трае, за да имаме победа. А денес имаме сериозни обиди за нарушување на тоа единство. Поединци кои си играат со колективните судбини и го продаваат тоа единство, рече тој.
Посакува секоја генерација да создава и остава зад себе меморија и дела за тоа како се гради, инвестира и создава.
-Многу ќе беше полесно, многу ќе беше поедноставно доколку една генерација го наследи делото и продолжи она што го градела претходната. Не би бил одговорен кон себе и кон сите вас доколку не кажам дека она што го затекнавме како влада не е само запоставена држава и институции туку и ограбена и недомаќински разграбена држава по сите параметри. Не можам да ја одбегнам неодговорноста поради неописивата радост на опозицијата поради пожарите и таа решеност и истовремено неодговорност да се прави политика од колективната несреќа и борбата на сите нас секојдневно да се стават под контрола пожарите. Но и фрапантното е лицемерие за делење на лекции и памет од истите оние кои на владата и оставија летала за гасење на пожар кои не летаат, без екипаж, институции за спасување без опрема и без било каква организираност, рече Мицкоски.
Премиерот потоа посочи: „Политиката на ниски страсти која ја водат говори само за недостаток на визионерство, конфликтите од внатре кои сакаат да ги пренесат надвор, нивните проблеми да станат проблеми на нацијата и давењето во калта во која сакаат сите да не повлечат. И тоа нешто кое нема да го дозволам“.
-И додека го држам овој говор сакам да им одадам должна почит на пожарникарите и луѓето кои и денес се на терен и се борат со огнените стихии кои се предизвик со кој се соочуваат многу држави. Настапуваме организирано и работите мора да ги држиме под контрола. Ќе продолжиме независно од се што што зборат неодговорни политичари да го даваме својот максимум, рече тој.
Мицкоски посочи дека подеднакво ќе се борат низ цела Македонија и ќе го даваат максимумот.
-И нема да влегувам во нивниот наратив на ловење на сеништа, ниски удари и разградување на единството. Не сакам денешниот говор да биде оптоварен со она што претставува наша визија, а што е нивна главна политичка преокупација. Затоа што додека ја решаваме катастрофата која ја наследивме овој еден месец се борам и за нови инвестиции какви имавме редследно три нови по ред во првите месец дена, за повисоки пензии каква одлука донесовме, како и нови средства за капитални инвестиции во општините и поддршка на домашниот бизнис, истакна тој.
Мицкоски рече дека тоа што ќе се менуваат работите не им одговара на оние кои со децении ја краделе оваа држава, се однесувале како моќници, се заканувале, се богателе на грбот на граѓаните.
-Не им одговара на сите оние кои научија дека ове нашата татковина не може да биде за едни е мајка, за друѓи маќеа. Мора да ставиме ред, бидејќи кога нема систем постои мито и корупција. Систем е потребен за да се стави ред. Оние кои ме знаат, знаат дека сум човек кој се држи до својот збор. А пред вас дадов завет дека оваа држава е моето семејство и дека ќе се грижам за неа како да се грижам за семејството. Дадов завет дека нема да ве разочарам, бидејќи не барав ваша поддршка да продолжиме и како досега – што милуваа нашите претходници да кажат, туку да воспоставиме систем што ќе функционира. Да направиме држава каде нема да има граѓани од прв и втор ред. Да имаме држава каде секој ќе знае дека е заштитен, а не уплашен ако му се закани некој политичар. Ова не смее да биде држава каде ќе има неправди. Ова не смее да биде држава каде ќе има наредени и потчинети поради политичка припадност. Ова ќе биде земја каде ќе се почитува секој оној што е чесен, искрен и вреден, а ќе се казнува секој оној што е корумпиран, истакна тој.
„Да ги вратиме вредностите онаму каде е место – тие кои се огрешиле кон законите да одговараат, работниците да бидат со пристојни плати, младите со шанса за иднина, земјоделците да бидат задоволни, лекарите почитувани…Македонија повторно горда и повторно твоја“ – рече премиерот.