Над македонското небо летаат домашни и странски хеликоптери кои успеваат да им помогнат на противпожарните екипи на терен, кои деноноќно се борат со огнените јазици. Изминативе денови критично е на Осоговски планини и во Општина Пробиштип. Тешка е ситуацијата и во Македонски Брод.
Меѓународна помош
Во гаснењето на пожарите во Македонија помага и по еден хеликоптер од Србија, Чешка и Словенија и два од Унгарија, како и по два ер-трактори од Шведска и од Германија. Од Унгарија пристигнат е и тим од 46 лица со специјални теренски возила за движење по тешко пристапни предели.
Критично во регионот на Пробиштип
Пожарите во регионот на Пробиштип кои се наоѓаа на пристапен терен се локализирани и изгаснати. Таму во моментов има уште еден пожар кој е активен веќе осми ден и се наоѓа на непристапен терен.
Гори борова и дабова шума
На Осоговските планини во атарот на селото Зелениград сè уште е активен еден пожар кој опфаќа над 400 хектари борова и дабова шума.
Со оглед на тоа што станува збор за непристапен терен, пожарот се гаси само со армиски хеликоптери, информира градоначалникот на Пробиштип Драган Анастасов.
Локалното население помага во гаснењето
Во текот на вчерашниот ден во Пробиштип беа активни дури 16 пожари, а освен македонската Армија и противпожарните служби, во нивното гасење се вклучи и локалното население кое добро го познава овој тешко пристапен терен, информира градоначалникот Анастасов.
Девет активни пожари
На територија на цела Македонија пак, од 42 активни пожари вчера, изгаснати се 33. Од Центарот за управување со кризи посочуваат дека најсложен во моментов е пожарот на територија на Општина Македонски Брод кој беснее со денови.