Во интерпелацијата за претседателот на Собранието, Африм Гаши, има неопходни елементи на политички експеримент, коментира коалицијата „Вреди“. Потребен е мотив како аеродромскиот инцидент. Левица е подносител на интерпелација, СДСМ е поддржувач, а ДУИ бара алиби за јавно да влезе во ова друштво и од страничен подбуцнувач да ја преземе улогата на политички координатор, пишува во реакцијата на „Вреди“.
Што е целта? Сигурно не е одбрана на дипломатските односи со Косово, ниту Охридскиот рамковен договор, туку целта е да се предизвика политички земјотрес. Зошто? За да се стави на тест владиното мнозинство и некој да провери дали опозицијата може да најде заеднички интерес и да делува здружено, велат од „Вреди“.
Малку требаше за Мицкоски да си ги погази своите ветувања дека секој функционер кој се огрешил ќе одговара. Тоа ќе важи, изгледа, само за обичните граѓани, но не и за политичарите од неговата коалиција, коментира опозициската СДСМ.
Мицкоски коленичи пред Гаши и ова е жално за гледање. Ниту СДСМ ниту било кој друг, не напиша јасно во полицискиот извештај дека е издадена „незаконска наредба од страна на претседателот на Собранието, велат од СДСМ.
Коалицискиот партнер на „Вреди“, ВМРО-ДПМНЕ, преку својата пратеничката група која е најбројна во Собранието, се огласи со став дека не е потребна смена на собранискиот спикер, Одговорноста е лоцирана, за разлика од порано кога пајаци од Градски паркинг удираа полицајци и никој со прст не мрдаше, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, Левица поднесе интерпелација за спикерот Гаши по седум основи. Покрај за скандалот на скопскиот аеродром, како што велат, и за „повреда на секуларноста на државата“, по молитвата во Собранието за Сребреница, како и за „илегална двојазичност“.