Министерот за транспорт Александар Николоски на денешната собраниска Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање истакна дека измените кои ги предлагаат на законот за урбанистичко планирање не се обемни нити големи и се насочени кон три цели.

„Првата цел е реализација на стратешката определба на Владата која беше една од носечките ветувања на изборите на кои убедливо оваа Влада освои мнозинство вкупно во Собранието скоро 2/3 мнозинство имаме како Влада што е јасно изразување на волјата на народот и на огромното мнозинство на народот. Значи ова не е Влада која има 61 или 62 пратеници како претходните влади туку ова е Влада која во моментов ја поддржуваат скоро 2/3 од пратениците во Собранието. Едно од основните ветувања на владата беше дека ќе се зајакне процесот на децентрализација со конечно завршување во овој четири годишен мандат на сите прашања кои се поврзани со инфраструктурното уредување на општините. Целата јавност е свесна дека со исклучок на десетина урбани општини во Македонија кои имаат и свои проблеми остатокот од државата се бори за тоа да добие канализационен систем, водоводен систем, асфалтирани патишта, пристојни училишта, по некоја градинка итн., и затоа решивме да ги децентрализираме средствата кои се однесуваат на капитални расходи и секоја година 33% од капиталните расходи да слегуваат во општините, ако проценета вредност на капитални расходи во буџетот е некаде 750 милиони евра тогаш нашата заложба која ја реализираме е веќе од следната година по 250 милиони евра да се спуштаат во општините со цел веќе после 4 години веќе да не зборуваме за тоа дека има неасфалтирана улица, дека има место кое нема канализационен или водоводен систем, дека има село или населба која останала без училиште, градинка, амбуланта, болница“, истакна Николоски.

Министерот за транспорт Николоски истакна дека основната измена на законот се однесува да целосно финансираните проекти од буџетот на Република Македонија бидат во поедноставена процедура и побрзо реализирани.