Васил Ефтимов е лицето кое  денеска претпладне на паркингот кај ТЦ „Мавровка“ во Скопје беше убиено со истрел во главата.

Не станува збор за адвокат, како што објавија претходно медиумите, туку станува збор за бизнисмен, кој се занимавал со продажба на материјали за водовод и канализација, но имал и дуќан за бижутерија во трговскиот центар „Бисер“ во скопската населба Аеродром, објави Плусинфо.

Плусинфо пишува дека убиството е сплет на несреќни околности, бидејќи напаѓачите помислиле дека Ефтимов во својот автомобил носи чанта полна со злато и вреден накит.

Тие се обиделе да го ограбат, но убиениот им се спротивставил. И тоа бил моментот во кој тие одлучиле со еден истрел во главата да го лишат од живот.

Неофицијално, кога се случил инцидентот, Ефтимов бил придружуван од женско лице, најверојатно сопругата.

Полицијата веќе соопшти дека во врска со случајот се приведени две лица, а посочија дека се трага и по уште едно лице.