На 8-мата по ред Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2024), која од 16-ти до 22-ри август се одржува во Кишињев, Молдавија, младите македонски ученици – информатичари го продолжија континуитетот на одлични претставувања на интернационалните олимпијади, освојувајќи три бронзени медали.
Бронзените медали за Македонија на овој најпрестижен интернационален натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години ги освоија Владимир Грчев од Кочани, Никола Стојковски од Скопје и Марко Кренков од Струмица. Четврти член на македонскиот тим беше Бисера Илиева од Скопје, која како и Марко Кренков за прв пат учествуваше на интернационален натпревар по информатика. Тимот беше раководен од лидерите, Владислав Бидиков и Иван Занов од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Овие ученици беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 35-ти пат. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.
Ако се вклучат и овие три медали, македонските ученици на досегашните осум изданија на Европската олимпијада имаат освоено вкупно 1 златен и 6 бронзени медали, што претставува резултат со кој можат да се пофалат релативно мал број на земји-учеснички на олимпијадата.
Според изјавата на претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов:
„И покрај редовните системски пречки кои ни се случуваат од страна на државните институции, намерни, ненамерни или како спореден ефект од други активности, со волонтерско залагање на членовите на ЗИМ, истакнати професионалци информатичари успеваме да постигнеме крајно високо ново на знаења на учениците. 3 медали за Македонија е многу висок резултат, ако се земе предвид и големината на нашата земја. Дополнително, годинава и на Јуниорската балканска олимпијада нашите натпреварувачи освоија 3 медали, а Македонија беше меѓу првите 4 најдобри земји. Се уште чекаме одговор на барањето до МОН за покривање на трошоците за ова патување до Молдавија, како законска обврска на МОН која произлегува од законот за основно образование. Во меѓувреме се подготвуваме за учество на Интернационалната олимпијада во Египет, а најголем дел од нашите напори се за организирање на Балканската олимпијада по информатика на која ние ќе бидеме домаќини од 20-ти до 26-ти септември во Охрид. Бидејќи покривањето на сите трошоци за Балканијадата за над 100 учесници од 15 земји се трудиме да го обезбедиме само со спонзорства, упатувам јавен апел до македонските компании да ни помогнат во организацијата на овој настан“.
Официјален домаќин на ЕЈОИ 2024 е Република Молдавија, а главен организатор е Министерството за образование и истражување, заедно со Националната агенција за наставна програма и евалуација на Република Молдавија. Примарна цел на ЕЈОИ како значаен и елитен образовен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај децата од помала возраст (до 15,5 години) во сите земји од Европа, како и да се овозможи на најдобрите европски млади таленти на оваа возраст да ги покажат знаењата и вештините кои што веќе ги стекнале во оваа област, а поконкретно во програмирањето. Секоја земја на ЕЈОИ учествува со тим кој се состои од 4 натпреварувачи, лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.
На ЕЈОИ годинава учествуваат вкупно 98 ученици од 26 европски земји.
Следната, 9-та по ред, Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2025) ќе се одржи идната година во Азербејџан. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ 2024), која ќе се одржи од 1-ви до 8-ми септември во Александрија, Египет