Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со цел унапредување на образованието на младите во земјава и отворање на нови можности за нив, обезбеди над 290 стипендии за сите Факултети за новите студенти на прв циклус студии, како и 720 половични стипендии за студенти од секоја студиска програма и од секоја студиска година, за кои родителското право го врши само еден родител. „УКИМ ќе додели 240 стипендии, кои се распоредени по 10 стипендии за секој Факултет.
На овој начин сакаме да ги мотивираме идните студенти да се посветат на студиите, како и да ги олесниме финансиските трошоци за образование на нивните семејства“, истакнаа од Универзитетот.
Имено, и оваа година, како и претходните четири учебни години, единиците на УКИМ стипендираат најмалку по еден студент од секоја студиска програма и од секоја студиска година за кој родителското право го врши само еден родител. На тој начин УКИМ овозможува најмалку 720 студенти да платат половина од износот на уписнината за прв циклус студии, секоја година.
„Дополнително, над 40 редовни студенти кои ќе се запишат во прв циклус на студии оваа учебна година ќе имаат можност да добијат стипендии од Фондацијата „Атанас Близнакоф“ од САД, како и над 10 стипендии од Фондацијата „Константин Стојанов““, наведоа од УКИМ. Уписите за учебната 2024/2025 година за прв уписен рок се на 29.8.2024 и на 30.8.2024 година, на 17.9.2024 и 18.9.2024 во вториот уписен рок и на 27.9.2024 година во третиот уписен рок.
Оваа година, вкупно 9921 студент ќе имаат можност да се запишат, од кои 4761 редовни студенти во државна квота, 4210 редовни студенти со кофинансирање, и 950 вонредни студенти. Покрај домашните студенти, Универзитетот нуди и повеќе од 1000 места за странски државјани на над 180 студиски програми