„Гледам поедини центри на влијание како се вознемирени, а вознемирени се затоа што ова е стартен ден, јавна набавка којашто ја водела претходната Влада на СДСМ и ДУИ. Јас одлучив со јавност да се борам против криминалот и корупцијата и затоа ја дадов таа изјава и тоа е порака дека времето на криминалците во политиката заврши, дека е време е на чесни политичари, луѓе коишто си го сакаат својот народ, својата татковина и ќе работат за интересите на своите сограѓани и својата татковина, и така ќе продолжам и во иднина“, одговори претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски на новинарско прашање.
Премиерот Мицкоски објасни дека во рамките на Кабинетот на претседателот на Владата на Република Македонија ќе се отвори линија каде што граѓаните ќе можат да пријавуваат девијантно однесување на административци и политичари.
„Ако се сеќавате пред неколку дена исто така на едно мое телевизиско интервју дадов уште една изјава во која што кажав специјален тим во рамките на мојот кабинет ќе има отворена линија и ќе разговара со граѓаните, а тие таму ќе пријавуваат девијантно однесување на административци, политичари без разлика дали се тоа на локално или на државно ниво политичари и административци, коишто можеби бараат некаков тип на против услуга да завршат некоја работа којашто на граѓаните им припаѓа под Закон и Устав и таа отворена линија ќе има за цел граѓаните тоа девијантно однесување да го пријават“, соопшти премиерот.
Претседателот на Владата Мицкоски констатираше дека се додека е премиер, место за криминалците во политиката ќе нема и дека мораме силно да се бориме против криминалот и корупцијата.
„Мораме да се бориме против криминалот и корупцијата, тие се од пандемиски размери кај нас и тоа е основната цел на оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“. Додека јас сум премиер, место за криминалците во политиката ќе нема и затоа на секој еден именуван и избран функционер од редот на ВМРО-ДПМНЕ му испраќам една порака, а тоа е да го чуваш твојот образ, така ќе го чуваш и мојот и на организацијата и така работиме до сега и така ќе продолжиме во иднина, а секој оној којшто ќе се заборави и којшто мисли дека во политиката треба да ужива а не да биде слуга на граѓаните, без разлика од која структура доаѓа ќе биде казнет, а доколку биде тоа злоупотребено, да има криминал, тогаш ќе биде изведен пред лицето на правдата“, рече Мицкоски.