Ветивме и ја решивме големата криза со издавање на личните документи на граѓаните и ќе направиме сè што е потребно такви кризи повеќе да не се повторуваат, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој го посети времениот пункт за издавање на документи во Полициската станица „Пролет“. На сите граѓани кои имаат потреба да извадат или заменат личен документ, тоа ќе им биде овозможено во законскиот рок од 15 дена, додаде министерот. Тошковски ги повика возачите кои не ги смение возачките дозволи со новото уставно име на државата, тоа да го сторат. Дозволите со старото име ќе важат до крајот на оваа година, без разлика ако датумот на истекување е после 31.12.2024 година.
– Досега се издадени 750.000 возачки дозволи, а потребно е да се стигне до милион дозволи, за да се заокружи целокупната бројка на издадени возачки дозволи во Македонија. Ги замолувам сите граѓани кои имаат возачка со старото име да ја обноват во наредните месеци, затоа што согласно со измените на законот што ги направивме, старите важат заклучно до крајот на оваа година. Наскоро ќе следи и кампања на МВР со која ќе ги повикаме сите да ги обноват дозволите. На пунктовите повеќе нема метеж – рече министерот.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи досега 1.740.000 македонски граѓани извадиле пасош со новото уставно име, а лични карти со новото име извадиле 1.440.000 граѓани.
– Пред неколку месеци најавивме дека основното човеково право на лични документи ќе го вратиме во нормала и тоа се случи. Секој граѓанин што ќе поднесе барање за лична карта, патна исправа или возачка дозвола тоа право ќе го оствари во рок од 15 дена, што е во рамките на законот. Тешко беше, полициските службеници работеа макотрпно, во две смени, во сабота и недела, но успеавме да ја надминеме кризата која беше вештачи создадена, со неработење. Македонските граѓани заслужуваат нормален процес на вадење на документација. Знам дека ова повеќе не е тема, затоа што проблемите завршија – рече Тошковски.
Министерот најави дека пунктовите за фотографирање и издавање на документи во објектот на МРТВ наскоро , за еден месец ќе почне да се реновира, за да се обезбедат нормални и достоинствени услови, како што рече, за да не гледаат повеќе ниту полицајците ниту граѓаните мувлосани тавани и искршени плочки. За време на реновирањето ќе функционира времениот пункт во ПС„Пролет“.