Најодговорно тврдам дека никогаш од ниту една страна не дојде никаков притисок да се носи некаква одлука за сензитивни прашања. Во ниту еден случај освен притисокот од јавноста што беше константен и негативен за работата на Комисијата, вели Драги Георгиев, претседател на Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија.
Според него, без промена на методологијата за работа на Комисијата, ќе нема резултати.
Со ова искуство што го имаме сега од шест години не би се нафатил да работам во таква комисија со таква методологија. Мора да размислат и македонската и бугарската страна доколку продолжи работата да се смени самата методологија бидејќи ваквиот начин на работа нема да даде резултати, рече Георгиев во дневникот на Сител телевизија.
Објаснувајќи ја неговата реакција на оценките што ги изнесе за работата на Комисијата премиерот Христијан Мицкоски, Георгиев рече дека „премиерот ги навредил членовите на Комисијата, кои работеле шест-седум години и кои се академски граѓани кои успеале да изградат свој интегритет во македонското општество без разлика на сите неаргументирани шпекулации за нивната работа“.
И кога ќе дојде изјава дека не сме ги бранеле националните интереси, а притоа многу малку се познава работата на комисијата, крајно е некоректно и неправдено кон членовите на таа комисија. Тие одржаа 31 средба со бугарските колеги, постојат записници. И кога некој кој не ја познава работата на Комисијата ќе даде таква паушална изјава дека не сме ги бранеле интересите, тогаш тоа е навреда за тие членови на Комисијата и е во крана линија продолжување на хајката што се води против членовите на Комисијата дека тие ги издале интересите на македонскиот народ, рече Георгиев.
Како што соопшти премиерот Мицкоски, на владина седница не било разговарано за кадровските решенија во Историската комисија со Бугарија и за тоа ќе се разговара на некоја од следните седници.
На владина седница не беше на дневен ред Комисијата. Претпоставувам на некоја од наредните седници ќе се најде истата со новиот предложен состав, рече Мицкоски.
Во изјава на 26. минатиот месец, премиерот најави кадровски промени во Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија. Според премиерот, актуелниот состав на Комисијата од македонска страна не ги оправдала очекувањата и не ги штитела националните интереси.
Г. Георгиев сум го коментирал многу пати во минатото и жалам што тој самиот себе се компромитираше, немаше потреба никој да го компромитира изминативе години коленичејќи пред министерски и премиерски кабинети наместо да си ја гледа работата. Но, тоа е негов избор, рече Мицкоски.