Во Технолошко – индустриската развојна зона – Скопје, денеска беше одбележан почетокот на градбата на фабрика на германската БМЗ груп која се занимава со изградба на литум јонски батерии, вредна 65 милиони евра.
Според генералната директорка на БМЗ Македонија, Јелица Ивановска, комерцијалното производство е почнато со браундфилд инвестиција, но недостасува повеќе простор за работа па затоа се очекува фабриката да почне со работа во мај.
„Ние веќе произведуваме. Сега во моментот работиме во „браунфил“ лоциран во поранешните простории на фабриката „Раде Кончар“, односно во постоечки објект што е прилагоден на потребите на бизнисот. Во моментот имаме 110 вработени во сите сектори и работиме со пет функционални валидирани линии. Започнато ни е комерцијалното производство, со тоа што ни треба многу повеќе простор. Таму каде сме сега не е доволен просторот. Ова ќе биде нова и модерна фабрика и планирано е да имаме во првата фаза што сега ја градиме, 40 линии, а вкупниот број на вработени треба да стаса меѓу 770 и 1 000 вработени“, нагласи Ивановска и додаде дека досега најмногу извоз има во Германија и Полска.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека како влада, ќе продолжат да поддржуваат ваков тип проекти.
„Од разговорот можам да кажам дека во првите години ќе имаме извоз од 35 до 40 милиони евра, максимум 60 милиони во првите три години извоз. Понатаму, тој може да достигне и до 130, па и повеќе милиони евра. Нешто што позитивно ќе влијае за нашата македонска економија“, рече премиерот.
Од опозициската СДСМ вчера преку соопштение реагираа за инвестицијата. Од таму велат дека премиерот се кити со туѓи перја и дека фабриката на БМЗ била договорена уште лани во септември од тогашниот вицепремиер Битиќи.
„Стануваат смешни и очајни обидите на Христијан Мицкоски да се накити со туѓи перја за секоја инвестиција која е договорена од СДСМ. Потпишувањето на овој значаен договор се случи во Франкфурт и претставува резултат на седуммесечен интензивен процес на преговори, започнат и успешно завршен од страна на СДСМ“,се вели во соопштението од опозициската партија.