Култниот фестивал во Општина Аеродром и годинава ќе понуди одлична содржина за аеродромци. Заради активности и целосно реконструкција на фудбалското игралиште во Реонски центар Аеродром овој пат настанот ќе се одржин на паркот кај „Авиончето“.
Утре започнува фестивалот
Фестивалот на комедијата „Гола месечина“ по 11 пат ќе се одржи во Општина Аеродром од 10 до 14 септември, а овој пат театарските завеси пред публиката ќе бидат кренати во паркот „Авионче“.
Годинешното издание на фестивалот е во духот на стенд-ап настапите на познати актери и комичари кои се веќе докажани и препознатливи уметници кај љубителите на театарската уметност, како и на добрата смеа и забава кои традиционално се препознатлив знак за „Гола месечина“.
Комичари на фестивалот на комедијата
Свеченото отворање на фестивалот ќе биде на 10 септември, вторник, кога ќе настапат Антонио Ташковски и Никола Тодоровски.
На 11 септември, среда, публиката ќе ужива со настапот на „Импров група“ и неверојатните Наталија Теодосиева, Тони Денковски, Григор Јовановски, Дамјан Цветановски, а водител на вечерта ќе биде Борјан Стојков.
Потоа, на 12 септември, четврток за добра забава на публиката ќе се погрижат Мирослав Петковиќ, Чедомир Митевски, Марио Поповиќ и Мишо Димитриевски од „Кабаре Кабает“.
Во петок, 13 септември свој стенд-ап настап ќе имаат Бојан Велевски и Бојан Кирковски, а на 14 септември фестивалот ќе го затворат познатите Мишо Бабиќ од Србија и Марјан Ѓорѓиевски.
Бесплатен влез
Настапите започнуваат во 20:00 часот, а влезот е бесплатен и неограничен за сите граѓани.
Општина Аеродром и НУ „Театар комедија“ ве покануваат на уште едно незаборавно дружење и меѓусебно ширење на позитивна енергија.