Вреди“ ја разоткрива вмешаноста на фирми под фамилијата на Елми Азири во тендери од државни институции
Коалицијата „Вреди“ денеска изнесе сериозни обвинувања против фирми за кои тврдат дека се поврзани со пратеникот Елми Азири од Европскиот фронт, обвинувајќи дека добиле повеќе тендери од државни и општински институции. Според партијата, овие јавни набавки се доделени на фирми кои имаат блиски семејни врски со Азири, а вредноста на овие договори надминува 1 милион денари. Овие тендери ги отвораат прашањата за транспарентноста на процесите на јавни набавки и за потенцијалната злоупотреба на државните ресурси за лични или политички интереси.
Сомнителни тендери во Липково
Бујаре Абази, претставничка на „Вреди“, на прес-конференција објави дека фирмите поврзани со семејството на Азири добиле договори од различни институции во Општина Липково, како што се средното училиште „Исмет Јашари“ и ЈЗУ Здравствен Дом – Куманово. Според Абази, овие тендери вклучуваат набавки кои ја доведуваат во прашање правичноста на процесот.
„Компанија чиј сопственик е внукот на сопругата на пратеникот Елми Азири, успеала да добие тендери од Општина Липково, средното училиште „Исмет Јашари“ во Липково, гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово, како и од ЈЗУ Здравствен Дом – Куманово.“, обвинува Абази
Врски со тендери од Министерството за политички систем
Дополнително, фирмите за кои Абази тврди дека се поврзани со семејството на Азири, добиле тендери и од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, во период кога министерството било раководено од Артан Груби, близок соработник на Азири. „Овие случаи само ја покажуваат длабоката вмешаност на политичките кругови во контролата на јавните ресурси“, рече Абази, додавајќи дека ДУИ делувал како мрежа која овозможува богатство на своите блиски.
„Овие податоци јасно укажуваат дека, без разлика на вредноста на набавките, било мали или големи, без одобрување од ДУИ, ниту една фирма не може да добие средства. Очигледно е дека ДУИ функционирала како мафијашка структура, која не се воздржувала од злоупотреба на народните пари за да оствари политичко влијание.“
Истрага за политичката корупција и јавните набавки
Коалицијата „Вреди“ повика на истрага за овие наводи, нагласувајќи дека ваквите случаи покажуваат како политичката корупција се протега во различни сектори на владеењето. Тие побараа јавно објаснување од Европскиот фронт и неговите водечки фигури, меѓу кои и Али Ахмети и Зијадин Села, кои, според Абази, треба да дадат одговор за ваквите афери.