Од утре стапува на сила владината одлука за ограничување на маржите на над 70 основни прехранбени производи. Мерката има за цел да ги намали трошоците за храна, со ограничување на максималната маржа до 10%. Мерката ќе трае до крајот на октомври.

Ограничување на маржите за повеќе од 70 производи

Есенската кошничка опфаќа основни производи како брашно, леб, пекарски производи, тестенини, ориз, зејтин, месо, млечни производи, јајца, овошје и зеленчук. Ограничувањето на маржите ќе се однесува и на продукти како ајвар, шеќер, млечно чоколадо, зачини и меленото кафе.

Трговците се обврзани да ги обележат овие производи со етикети „помалку трошоци, повеќе за тебе“, со цел да ги информираат потрошувачите за намалените маржи.

Очекувано намалување на трошоците за храна

Со ограничувањето на маржите, се очекува трошоците за храна да се намалат за околу 10%. Оваа мерка е насочена кон одржување на стабилни цени на прехранбените продукти, кои обично поскапуваат во есенските месеци.

Нови кошнички со ограничени маржи за празниците

Владата планира да воведе и новогодишна, божиќна, рамазанска и велигденска кошничка, со ограничени маржи слично на есенската кошничка. Секоја од овие мерки ќе трае околу еден месец за да се спречи значително поскапување на основните производи за време на празниците.

Законот за нефер трговски практики ќе спречи нагло поскапување

По завршување на мерката за ограничување на маржите, Владата не очекува нагло зголемување на цените, бидејќи од следната недела ќе профункционира и Законот за нефер трговски практики. Законот предвидува дополнителни мерки, според кои трговците нема да можат да наплаќаат дополнителни трошоци за маркетинг или за репрезентација, покрај ограничените маржи.