Адвокатот Владимир Туфегџиќ, кој го брани Александар Ѓорчевски во судската постапка за убиството на неговата ќерка Вања Ѓорчевска, категорично тврди дека неговиот клиент нема никаква врска со овој трагичен случај. Во подкастот „Претрес“, Туфегџиќ објасни дека доказите кои ги има обвинителството немаат основа за поврзување на Александар со убиството на неговата ќерка, ниту со смртта на Панче Жежовски, која се смета за поврзана со истиот криминален круг.
Првиот што го пронашол возилото бил таткото
Според Туфегџиќ, Александар Ѓорчевски бил првиот кој го открил возилото поврзано со исчезнувањето на Вања, благодарение на неговата лична истрага. Тој ја добил информацијата за исчезнувањето на својата ќерка од поранешната сопруга, мајката на Вања, и веднаш ја известиле полицијата.
„Првиот чекор беше да се јават на полицијата. Мајката ја известила дека Вања не се појавила на училиште, а наставничката потврдила дека не дошла на часовите. Тие беа поврзани преку телефоните и следеа сè во реално време,“ вели адвокатот. Родителите, иако разведени, имале блиски односи со Вања, која немала никакви проблеми со нив. Кога полицијата не презела доволно брзи мерки, Александар ја презел иницијативата и ја започнал сопствената истрага, што го довело до видео снимките од камерите на јавни места, со кои успеал да најде атипично движење на возило.
„Таткото презеде сѐ што би направил секој родител во таква ситуација. Тој ги пронајде снимките и ги предаде на полицијата,“ нагласува Туфегџиќ.
Поврзаност меѓу двете убиства
Адвокатот тврди дека убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски не се случајни и дека постои директна поврзаност меѓу нив. Тој ги опишува овие злосторства како „класични егзекуции“ и тврди дека се извршени од истиот криминален круг.
„Тврдeњето дека овие убиства се извршени од личен интерес е апсурдно. Никој не може сериозно да поверува во тоа. Двете ликвидации се извршени на ист начин од исти луѓе, постои јасна организација, командна структура и планер кој стои зад сето ова,“ изјави Туфегџиќ. Тој исто така изрази изненаденост од фактот што јавниот обвинител не наредил реконструкција на настанот, што според него е клучно за расветлување на случајот.
Тешка задача за обвинителството
Според Туфегџиќ, јавниот обвинител ќе има тешка задача да ги поврзе доказите за двете убиства, бидејќи нема доволно факти кои би ги докажале наводите на обвинителството. Тој смета дека истрагата треба да се насочи кон откривање на командната структура и организаторите на убиствата, наместо да се фокусира на Александар Ѓорчевски, кој самиот ги иницирал важните докази.