Македонскиот премиер Христијан Мицкоски, утрово имаше куса средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Охрид.

Тој објави фотографии на Фејсбук и напиша дека имал плодна и пријателска средба со унгарскиот колега.

Историјата сведочи за нашиот заеднички стремеж кон мир, просперитет и соработка. Унгарија во минатото беше еден од првите наши партнери кој ги препозна македонските стремежи за независност и суверенитет. Со години наназад, политичките и економските врски меѓу нашите држави се продлабочуваат, а денешните средби само го потврдуваат нашето стратешко сојузништво. Унгарија не е само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Орбан е во официјална посета на Македонија, а денеска ќе има и обраќање пред новинарите.