Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка до припадниците на бошњачката заедница, по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците.

„Почитувани сограѓани Бошњаци, дозволете ми, во мое лично име и во името на македонските граѓани од останатите етнички заедници во Македонија, да ви го честитам 28 Септември ̶ Меѓународниот ден на Бошњаците. Посакувам празникот да го минете во пријатна атмосфера и во заедништво со вашите најблиски, исполнети со радост и со среќа. Горди сме што Бошњачката заедница има свој празник којшто достоинствено се прославува и придонесува за промоција на нејзината историја и на културните традиции кои се составен дел од македонското општество. Соживотот во нашата татковина е резултат на почит, уважување и солидарност. Да не дозволиме овие вредности да бидат загрозени и нарушени, и да продолжиме да работиме на напредокот и на благосостојбата на нашата заедничка татковина. Предизвиците со кои се соочуваме како држава нè тангираат сите и тие не бираат пол, религија, етникум. Сите сме под исто небо. Обединети да ја оствариме визијата за нашата татковина, како демократска, правна и развиена држава. Нека ни е честит празникот“, стои во честитката.