73-годишна планинарка од Скопје, која се изгубила на Шар Планина, денеска е пронајдена почината.

Нејзиното изчеснување е пријавено вчера околу 12 часот и по неа се трагало до утрово кога околу 07.30 часот е пронајдена без знаци на живот во месноста „Ржани камен“, во коритото на Љуботенска река.

Таа била со група планинарки на пешачење, но се издвоила, по што со неа само еднаш контактирале преку мобилниот телефон, а потоа била недостапна.

Според информациите на ЦУК во потрагата беа вклучени ренџери од НП „Шар Планина“ заедно со нивниот директор, 12 специјалци од МВР, 5 полициски службеници и алпинистот Надир Мурсели, којшто помага при вакви случаи.

„За жал во утринските часови ја најдовме, имала пад, во еден дел кај што завршува шумата каде што се приспојува со патот кој води до едно бачило на Шара. Паднала во коритото на реката, од горе се лизнала“, ни изјави Надир Мурсели, алпинист кој учествувал во потрагата.

Увид на местото врши екипа од СВР Тетово, известен е и Јавен обвинител.