Стигна долгонајавуваниот одмазднички ирански одговор. Сирени за тревога и серија експлозии во Тел Авив, Ерусалим и Хаифа-Техеран изврши напад врз Израел. Оштетени се објекти, но нема информации за жртви. Израелската одбрана тврди дека со помош на САД пресретнале десетици балистички ракети. Нетанјаху вели – ракетниот напад на Иран не успеа. Се закани со одговор.

„Овој напад не успеа, беше спречен благодарение на израелскиот систем за противвоздушна одбрана, кој е најнапредниот во светот, но и на будноста и одговорноста на граѓаните. Им благодарам и на САД за поддршката во нашите одбранбени напори. Иран направи голема грешка – и ќе плати за тоа“, рече Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

„Извршивме голем број пресретнувања. Има некои последици во централните и јужните делови на земјата, но не сме информирани за жртви. Во состојба сме на засилена готовност во одбраната и офанзива, ќе ги заштитиме граѓаните на Израел“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.

Ако Тел Авив ја повтори грешката и возврати, следниот удар ќе биде поразорен-велат од Техеран. Иранскиот претседател Пезешкијан му порача на Израел да не влегува во конфликт. Се огласи и Иранската револуционерна гарда.

„Нивните луѓе не беа цел, иако тоа беше апсолутно изводливо. Подготвени сме и одбранбено и офанзивно да ја повториме оваа операција со повеќекратен интензитет“, изјави Мохамад Багери, началник на Генералштабот на Иранските вооружени сили.

Нападот на Иран е значајна ескалација-се огласи Вашингтон додавајќи дека ја следат ситуацијата и ќе се произнесат за следните чекори во однос на одговорот.

„Водиме активна дискусија во моментов. Бевме во постојан контакт со израелската влада и нашите колеги, останува да се види како ќе одговориме“, рече Џозеф Бајден, претседател на САД.

„Иран по втор пат во рок од пет месеци изврши директен напад врз Израел со околу 200 балистички ракети. Тоа е тотално неприфатливо и целиот свет треба да го осуди“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Реакции и осуди за растечкиот конфликт на Блискиот Исток пристигнаа и од другите земји.

„Целосно го осудувам овој обид на иранскиот режим да им наштети на невините Израелци, да ја ескалира оваа неверојатно опасна ситуација и да го турка регионот уште поблиску до работ. Тоа не може да се толерира“, изјави Кир Стармер, премиер на Велика Британија.

„Ги осудуваме постапките на Иран и она на што постојано повикувавме заедно со нашите пријатели во Обединетите нации е деескалација во регионот“, нагласи Ентони Албанес, премиер на Австралија.

„Нападот од Иран не е прифатлив. Би сакале строго да го осудиме, но би сакале и добро да соработуваме за да ја смириме ситуацијата за да не прерасне во сеопфатна војна“, изјави Шигеру Ишиба, премиер на Јапонија.

Додека израелските граѓани во солзи бараа засолништа, палестинците на западниот брег и во Газа прославија за иранскиот напад. Одговорот на Иран пристигна во момент кога во јужниот дел на Тел Авив беше извршен напад со нож и пукање во кое загинаа неколку лица, и ден откако Израел даде зелено светло и почна ограничена копнена операција во Либан против цели на Хезболах.